TANEC - National Ensemble for Macedonian Dances and Songs
ИСПРАЌАЊЕТО НА СТАРАТА И ПРЕЧЕКУВАЊЕТО НА НОВАТА ГОДИНА Е ВРЕМЕ ЗА РЕЗИМЕА, БЛАГОДАРНОСТИ И ПЛАНОВИ
Драги наши верни поддржувачи, откако си ги упативме честитките и ги сумиравме резултатите за 2024-та година, време е за нова страница и нови планови и очекувања од тукушто дојдената 2025 година. Се надеваме дека уживавте во целата јубилејна концертна сезона на ансамблот, како и во прекрасниот завршен гала концерт, емитуван токму на Божиќ. За ваква блескава јубилејна година се залужни многу луѓе и ним им упатуваме голема благодарност што се вложија безрезервно во одбележувањето на 75-годишнината.
А пред да почнеме да ви ги откриваме новите планови и да заиграме со нови чекори, дозволете ни да им се заблагодариме на некои луѓе „од сенка“, што во 2024 година ни ја дадоа довербата со донации на облековни елементи од уникатни носии во нашиот драгоцен фундус. Добивме чоени фустани, ткаени фути, ленени кошули, волнени елечиња, шајаци, марами, капи, појаси, и други уникатни делови од носии, рачно изработени и украсувани со везови и плетива од конци, срми, тантели, копчиња...
Ве охрабруваме и вас што во наследство од своите предци сте добиле вредни традиционални облеки, а сакате да ги видите оживеани во ората на Танец, да дојдете кај нас и да ја споделите со нас вашата семејна историја. Тоа е еден од начините на кој можеме заедно да придонесеме за продолжување на векот на македонското материјално и нематеријално културно наследство
Дозволете ни сега и да им се заблагодариме на:
- Господинот Бранко Цуцуловски што му донираше на НУ Танец облековни елементи од с. Кривогаштани – Прилепско, кои ѝ припаѓале на неговата мајка Неда (Гаршкоска) Цуцуловска, родена во 1935 година во с. Воѓани – Прилепско;
- Госпоѓата Ружица Коновска за облековните елементи од Мијачката етнографска целина, коишто ги поседувала нејзината свекрва, Спасена (Крстова) Коновска, родена 1897 година во с. Кочишти, а омажена во с. Горно Елевци – Дебарско;
- Госпоѓатата Соња Ивановска којашто донираше облековни елементи од нејзината мајка Невена Аламчева, родена во 1925 година во селото Крушодари – Леринско, Егејска Македонија;
- Госпоѓата Драгана Јовческа од Скопје, за донацијата од облековни елементи коишто ги поседувала нејзината свекрва Спаса (Беџовска) Јовческа, родена во 1897 година во селото Иванчишта, Кичевско, мажена во село Врбјани, Дебарца – Охридско;
- Госпоѓата Валентина Трајковска Јовчевска од село Кривогаштани- Прилепско, за донираните делови од носии од нејзината мајка Трајана (Кебакоска) Киселоска, родена 1936 година во Кадино село- Прилепско, а омажена во село Кривогаштани – Прилепско. Овие уникатни парчиња традиционална облека ги изработила самата Трајана, кога имала само 18 години.